Како што се интензивира руската инвазија на Украина, децата во воената зона доживуваат разорни последици. Украина извести дека од почетокот на нападот загинале 21 дете, а 55 се повредени. Оваа информација ја соопшти украинскиот омбудсман на 2 март.

Десетици деца се кријат во засолништа, подруми и метро, ​​додека други ги напуштија своите домови во соседните земји.

Психолозите и другите експерти велат дека постојат и психички проблеми со кои се соочуваат овие деца и дека е важно да се трудиме да им обезбедиме чувство на стабилност што е можно повеќе.

– Децата се исклучително чувствителни на несигурност, не само физичка туку и психичка и таа може да има долгорочни последици – вели д-р Пол Вајз, професор по педијатрија на Универзитетот „Стенфорд“.

Ризици за менталното здравје на децата во воените зони

Постојат физички ризици за децата што живеат во воени зони, како што се вдишување чад и пепел од пожари и експлозии кои можат да влијаат врз белите дробови. Но, постојат и ризици за менталното здравје. Истражувањата покажаа дека децата и семејствата што живеат или бегаат од воените зони имаат зголемен ризик од психолошки проблеми.

– Видовме зголемување на депресијата и анксиозноста во минатите воени ситуации – вели д-р Моника Барет, клинички психолог во здравствената детска болница „Арнолд Палмер“ во Орландо.

Иако нема сите деца да бидат трауматизирани, тие може различно да реагираат на трауматските ситуации на кои се сведоци.

Во такви ситуации и околности, некои деца се посклони на повлекување, не плачат многу, не бараат многу внимание. Понекогаш луѓето ќе погледнат во такво дете и ќе кажат дека добро му оди, но треба многу да се внимава бидејќи овие деца се повлекуваат и интернализираат многу од она што се случува, тврди д-р Џек Шонкоф, директор на Центарот за деца во развој на Универзитетот „Харвард“.

Грижата за потребите на возрасните им помага на децата

Шонкоф вели дека еден начин да се обезбеди добар исход за децата во воена зона е да се обезбеди грижа и за возрасните.

– Најважниот фактор што одредува како децата во основа ќе преживеат и ќе се движат напред по военото искуство е природата на возрасните кои се грижат за нив. Ако родителите и старателите се значително трауматизирани, тие не можат да им обезбедат на децата чувство за поддршка. Потребите на возрасните стануваат клучни за заштита на децата – вели тој.

Тој го споредува ова со безбедносна презентација за време на авионски лет, кога стјуардесите им кажуваат на патниците да ги обезбедат своите маски за кислород пред да им помогнат на другите.

– Тоа не е начин да кажете дека сте поважни од вашето дете. Тоа е начин да кажете дека вашето дете нема да биде добро ако се онесвестите – вели тој.

Што се однесува до бебињата, тој објаснува дека тие се многу приспособени на она што се случува и ако возрасните не се занимаваат со нив, тоа може да му наштети на нивниот развој.

– Ако родителот е трауматизиран или депресивен, не може да гушка, не може да се насмевне. Ова сигнализира опасност за мозокот иако бебето не знае што се случува. Тоа може да создаде прекумерен стрес во телото, да го подигне нивото на воспаленија и крвниот притисок – објаснува Шонкоф.

Извор



912

X