Џоана Вендити, мајка на четири деца, во својот блог на порталот Babycenter.com се присетува на првите денови по раѓањето на своето прво дете:
– Те гледам. Те гледам како седиш на каучот, а солзи ти течат по лицето. Погледнуваш во часовникот. Точно е седум часот и те обзема страв од ноќта што е пред тебе.
Помина и четвртиот ден од породувањето. Тукушто си го родила својот син. Секоја минута од својата бременост се обидуваше да го замислиш неговото малечко лице и како ќе се чувствуваш како мајка.
Првите денови не беа толку страшни. Беше полна со енергија и адреналин. Уживаше покажувајќи му го своето сакано бебе на секој гостин што ќе се појавеше на вратата. Речиси и не спиеше. Наеднаш, се скрши.
Погледнуваш во часовникот, па во својот сопруг, кој изгледа загрижено. Не знае како да ти помогне. Му велиш само да те остави да плачеш.
Погледот ти се враќа на твоето тело. Ти изгледа туѓо. Твоето прекрасно трудничко меше сега е кашеста маса. Нозете и глуждовите ти се потечени, нешто што досега не се случило. Се чувствуваш како градите да ти се полни со камења. А брадавиците ти се испукани и крвават. Твоето тело поминало низ војна.
Додека го ставаш бебето на градите, болката е назамислива. Болка во брадавиците, грчевите и контракциите се засилуваат како што доаѓа ноќта.
Се плашиш од ноќта. Од одговорноста, од непознатото и од самотијата.
Но треба да знаеш, правиш голема работа. Само продолжи така. Не стануваш само мајка, туку се претвораш во жена-воин.
Ова е привремено. Пак ќе спиеш. Телото ќе ти закрепне. Повторно ќе се чувствуваш секси. Пак ќе бидеш своја.
Како што ќе поминуваат деновите, ноќите нема да те исполнуваат со страв. Ќе ја сакаш ноќта, и тишината и поврзувањето со бебето.
Продолжи понатаму, не откажувај се. Прифати ја помошта што ти ја нудат. Разговарај, споделувај и слушај ги другите што поминале низ ова пред тебе.
Во овој момент се создава неверојатно силна мајка-воин.
Ова чувство сега е најтешко. Иако ќе се соочуваш и со други тешки ситуации подоцна како мајка, ништо нема да биде страшно како ова сега. Во овој момент се создава непробоен оклоп околу тебе кој никој не може да ти го одземе.
Само така продолжи. Правиш неверојатна работа, мајко.
912