Кога би ги прашале децата, тие би јаделе благи работи и за појадок, и за ручек, и за вечера. Среќа што тие не го составуваат менито и не одлучуваат што ќе се јаде. А дали слатките воопшто им се потребни? Кое количество на шеќер не е штетно за здравјето на децата?

Целосна забрана на благите работи не е можна зашто децата не можат да живеат под стаклено ѕвоно, одвоени од врсниците и од нивните навики. Затоа е важно да ги научиме да бидат умерени во сѐ, за подоцна да немаат проблем со здравјето и со исхраната. Прекумерниот внес на шеќер најчесто предизвикува прекумерна тежина и кариес, а долгорочно гледано, последиците можат да бидат многу посериозни.

Зголемената консумација на шеќер може да предизвика надуеност, главоболка, умор, слабо функционирање на имунолошкиот систем и болести на крвните садови, дијабетес и оштетување на некои органи, поради што некои земји вовеле дополнителен данок на пијалаците што содржат големо количество шеќер и на слатките.

Статистиката загрижува

– Во споредба со 50-тите години, децата денес јадат 25 пати повеќе слатки и пијат приближно 30 пати повеќе газирани пијалаци.
– Истражувањата во Америка покажуваат дека децата до третата година дневно преку пијалаци и индустриски слатки внесуваат околу 12 лажички шеќер, а тоа е околу 60 грама.
– Истата студија предупредува дека децата на возраст од 4 до 8 години просечно внесуваат 21 лажичка шеќер дневно, а адолесцентите околу 34 лажички. Овие количини се трипати поголеми од препорачаните.
Основно правило е да не им дозволувате да јадат слатки пред оброкот и да не им бидат на дофат. Некои родители се служат со благите работи како средство за наградување на послушноста и за подмитување, на сфаќајќи дека така создаваат зависници.
Слатките содржат и големо количество адитиви, вештачки бои и вкус, кои знаат да бидат и поштетни од самиот шеќер. Затоа, избегнувајте слатки работи со силни бои, а и газирани пијалаци поради големата содржина на индустриски шеќери.

Слатките не се секогаш лоши за децата, но проблемот настанува кога не се контролира количеството на внесот. Тоа значи дека чоколадата е дозволена, но по оброкот, а бисквити можете да им давате откако ќе изедат овошје и житарки. За учениците, дозволената порција е колку половина од порцијата за возрасните, а за малите – чоколатче, 2-3 бисквити или мал сладолед во корнет.

Одбирајте поздрави алтернативи

Потрудете се, кога и да е можно, на децата да им понудите здрави слатки. Исечете јаболко или банана на мали парчиња, па прелијте ги со топено црно чоколадо и посипете со сечкани лешници, направете домашен сладолед од свежо цедени сокови или смрзнат домашен јогурт со ореви.

Слатките нека служат за да ги почестите децата одвреме-навреме, во посебни пригоди. Ако создадете здрави навики кај децата уште додека се мали, подоцна нема да мора да ги криете слатките на најгорните полици.



912

X