Читањето е основна алатка за учење. Размислете малку за тоа колку книги, колку статии што сте ги прочитале во текот на животот ве научиле на нешто… Читањето не е само вештина: тоа е средство за постигнување нешто друго. Всушност, станува збор за „дивергентно учење“, затоа што тоа ги отвора вратите кон континуираната можност за учење.
За жал, за многу деца и млади читањето е пречка, фрустрирачка и непривлечна активност. Сега кога нашите деца се долго време дома и сме во неизвесност како ќе почне следната учебна година, нашата улога како родители е да го поддржуваме и охрабруваме учењето, па љубовта кон читањето станува уште поважна.
– Задачата на родителот, како онаа на наставникот, е да го негува ентузијазмот на детето, кое, чувствувајќи се добро при читање, има поттик да продолжи, без обврски или ограничувања, туку, напротив, да го почитува неговото време и неговиот начин на учење – објаснува Марија Кристина Ајроли, мајка и учителка.
– Многу е важно децата да учат на позитивен начин, односно да се забавуваат: емоциите играат основна улога во учењето и им помагаат на децата да најдат внатрешна мотивација во сите животни искуства – додава таа.
Еве ги трите основни состојки:
– Како прво, детето мора да се чувствува добро, способно да ја заврши дејноста без фрустрација која би предизвикала одбивање. Поради оваа причина, неопходно е детето да чита во согласност со неговото ниво на вештини за читање.
– Поврзувањето на позитивните емоции со искуството од читање е суштински чекор и во ова имаме фундаментална улога. Емотивната врска со родителот е многу важен двигател за пристапот кон сите активности. Уште од рана возраст децата треба да развијат навика за читање. Направете ексклузивен простор за заедно да читате, да ги набљудувате и интерпретирате прекрасните слики од илустрираните книги, заедно да влезете во авантура. Тие се волшебни моменти што треба да ги доживеете заедно и што треба да постават цврсти темели за идната љубов кон читањето.
– Последно, но не и најмалку важно: изберете текстови што ќе го заинтригираат детето, ќе видите и самите дека ќе побара да му прочитате повеќе.
912