Во 70-тите и 80-тите години било нормално децата да остануваат сами дома по враќањето од училиште, додека нивните родители не се вратат од работа, но денес сѐ помал број деца остануваат без надзор.
Во Хрватска, на пример, во законот за семејство се предвидува дека децата од предучилишна возраст не смеат да бидат сами, без надзор на лице постаро од 16 години. Исто така, бебињата или малите деца никогаш не треба да се оставаат без надзор. Експертите сметаат дека повеќето деца до девет години не треба да бидат сами дома по училиште, како и дека децата до 13 години немаат доволно развиени капацитети да реагираат во непредвидливи ситуации, поради што не е пожелно да бидат сами долго време. Сепак, одговорот на ова прашање не секогаш зависи само од возраста на детето.
Се верува дека мајките и татковците најдобро ги познаваат своите деца, па затоа можат да донесат правилна одлука дали децата се доволно зрели за да се грижат сами за себе дома. Повеќето деца почнуваат да остануваат сами дома околу 11-годишна возраст.
На што треба да внимаваат родителите?
Според експертите, добро е детето да се остави само на кратки периоди и да се зголемува времето како што ќе расте.
Доенчињата и малите деца никогаш не треба да се оставаат сами, дури ни на неколку минути. Ова важи и за оставањето во автомобилот.
Децата под 12 години, пак, ретко се доволно зрели за да се справат со итни ситуации и не треба да се оставаат сами долго време.
NSPCC, водечка добротворна организација за злоупотребени деца во Велика Британија, вели дека децата се подготвени да останат сами преку ноќ дури на 16-годишна возраст.
Сепак, повеќето упатства се потпираат на тоа дека родителите ги слушаат потребите и чувствата на своето дете и сами одлучуваат кога детето е подготвено за тој голем чекор. Ако децата не се подготвени или не сте сигурни дека се подготвени да останат сами, не оставајте ги сами во домот.

Кога ќе донесете одлука да ги оставите сами, важно е да преземете разумни мерки на претпазливост. Оставете список со броеви за вашето дете да ги повика во случај на потреба. Погрижете се да можете да се вратите дома во секое време. Осигурете се дека сите потенцијално опасни предмети – алати, ножеви и лекови, се подалеку од дофатот на деца. Ако имате соседи на кои им верувате, можете да се договорите со вашето дете да контактира со нив во случај на каква било потреба. Погрижете се вашето дете да знае во кое време да ве очекува дома и што да прави ако доцните.
За деца со алергии, отстранете ги нештата од домот што може да предизвикаат алергиска реакција и погрижете се детето да има пристап до комплет за прва помош и „епипен“, доколку му затреба. Ако имате домашни миленици, размислете дали е безбедно да го оставите вашето дете со нив без надзор.
912