Порака од пријателка на мајка ми речиси ме скрши. Зборувавме за она што се случува во нашите животи, помеѓу работата, набавките, состаноците и возењето низ град, носењето на нашите деца на дополнителните активности. Никогаш немаше здодевен или тивок момент за кој било од нас. Пред да заврши разговорот, таа ме праша како сум и јас ѝ признав дека сум уморна. Нејзините зборови упатени кон мене, пред да почне со подготвувањето на вечерата за нејзиното семејство, беа едноставни: „Чувај се“.

Што значи тоа? Што е всушност грижа за самиот себе? Речиси секоја жена што ја знам зборува за тоа. Треба да се ставиме себеси на прво место. Не можеме да го дадеме она што го немаме. Заслужуваме малку време за себе.

Иако апсолутно се согласувам дека треба да се ставиме себеси како приоритет – бидејќи имаме тенденција секогаш да ги ставаме другите на прво место, што е исклучително исцрпувачки – сепак, постои листа со барања која изгледа дека нема крај. Многу од тие обврски не може да се избришат или да се остават настрана. Децата се разболуваат и работните часови се менуваат. Мајчинството е жонглирачки акт кој нема крај.

Моето прашање до сите експерти за самогрижа е следново: Кога, всушност, треба да најдеме време за маникир, масажа или патување за викенд со пријателките? Гледам како овие идеи постојано им се наметнуваат на жените како да не се нешто посебно, како да не чинат многу пари и како да не бараат слободно време и некој што ќе се грижи за децата. Не познавам ниту една жена што има часови или денови на располагање, без обврски. Можеби треба да го пополни своето време со одење во Канкун, за викенд?

Не ги отфрлам овие идеи. Ако имате можност да ги направите сите тие работи, направете ги. Но, да бидеме реални. Не може секоја мајка да ги следи овие сугестии. Сите треба да вежбаме грижа за себе. Во тоа нема сомневање. Но, како да го направиме тоа кога немаме ниту пари ниту време на располагање?

Ми стана јасно пред некој ден дека можеби само ми е потребно да вежбам грижа за себе во местото кое ми е најпогодно – мојот дом. Но како? Додека трчав по набавки, бидејќи секогаш ни снемува паста за заби – најдов козметичка кутија за на полица, што треба да ги направи содржините внатре лесно достапни.

Почувствував како светлина да пристига од рајот и како хор да почна да ја пее „Алелуја“ во продавницата. Тоа беше мојот одговор. Ја купив козметичката кутија, заедно со неколку туби од потребната паста за заби. Кога дојдов дома, ја ставив козметичката кутија во тоалетот. Што понатаму?

Пред неколку години присуствував на предавање од страна на јога-инструктор. Таа зборуваше за правење список кој содржи три работи, и ни даваше инструкции да напишеме три едноставни работи што ни причинуваат задоволство. Треба да бидат практични, што значи да се активности кои ги правиме секојдневно. Мојата листа содржеше – сончева светлина, кафе и прошетка. Листата е закачена на фрижидерот, како потсетник. Ако се прашувате, одговорот е – да, листата ми помогна. Кога и да ми беа деновите хаотични и бев анксиозна, ќе ја погледнев листата, ќе изберев нешто од неа и тоа веднаш ме разведруваше.

Ми беа потребни работи за мојата кутија, работи што ми носат олеснување, релаксација и повторно фокусирање. Не треба да бараат многу време и да бидат скапи. Пребарав во тоалетот и во фиоките, барајќи такви нешта. Не знам што ви е потребно за повторно полнење на батериите, но за мене, тоа се малите нешта. Најдов ленти за белеење на забите на кои сум заборавила. Но, сакам да ги ставам на забите кога се туширам бидејќи сум приврзаник на „мултитаскингот“. Исто така, најдов крем за нозе, уште неотворен. Имав намера да го користам, но се разбира, се случи – живот.

Знаев дека ми требаат повеќе опции, па купив и други евтини работи. Една од нив беше стегач за мојата коса, како и неколку пакувања маски за лице. Воала. Немав време ниту буџет за да купам скапи средства за лице, но сигурно дека можев да си направам сама дома. Читам за придобивките од четките за сува кожа, па избрав токму таква четка и открив дека навистина ја сакам таа активност. Исто така, најдов топка за масирање на точките на тензија, бидејќи навистина чувствувам голема тензија. Замислете.

Знам што мислите: Сето ова е супер, Рејчел, но дали имаш време за да ги користиш овие работи за себегрижа? Одговорот е да, бидејќи секојпат кога влегувам во мојата бања, козметичката кутија е тука и служи како потсетник дека треба неколку минути да си посветам на себе.

Персонализираната козметичка кутија е совршена за мене. Не е нешто што ми е препишано од други, туку е моја дефиниција за грижа за себе и навистина функционира. Не можам магично да го отстранам стресот, да бидеме реални дека тоа нема да се случи. Сепак, знам дека кога деновите ми се исполнети, ќе има нешто што ме чека мене. И моето семејство знае, дека кога мама навечер оди да се тушира, не треба да се чука на вратата и да се бара ужина или да се бара помош за домашната. Имам неколку збора за нив: Побарајте го татко ви.

Ако сте како мене и како пријателите на мојата мајка, знаете дека грижата за себе е важна, но се борите да ја применувате во секојдневниот живот. Создајте си кутија за грижа за себе како што направив јас и користете ја. Или направете нешто друго, бидејќи што и да изберете, тоа ќе биде правилното за вас. Само знајте дека заслужувате пауза. Овозможете си ја.

 

Автор: Рејчел Гарлингхаус



912

X