Ако имате две деца помали од 2 години, новороденче или само едно дете кое изгледа како да е алергично на спиење, вие сигурно сте исцрпени. Ако покрај сето тоа работите од дома поради пандемијата, тешко е да се балансираат обврските. Без разлика во која специфична позиција се наоѓате, ви треба едноставен начин да ги забавувате децата и притоа да го избегнете користењето на екранот. Сигурноста е на прво место и секако потребно е да ги надгледувате децата ако се во близина на вода или ако сте им понудиле ситни играчки или предмети со кои би можеле да се повредат, па најдобро е да ги снабдите со играчки во согласност со развојниот степен.

1. Игра „Немој да го разбудиш змејот“

Ерин Роси е лиценциран експерт за спиење, па вели дека одличен избор за игра е онаа во која глумите заспан змеј што чува богатство. Тоа може да биде омилената играчка која сте ја ставиле покрај себе или некој друг предмет. „Ако направи врева, отворете го едното око и испуштете звук како змеј за детето да побегне на другиот крај од собата. Ако детето е доволно тивко за да успее да ви го украде богатсвото, тогаш и двајцата сте во предност“, вели Роси.

2. Потрага по предмети

„Испратете ги децата да ви донесат нешто големо, нешто мало, нешто црвено, нешто сино, нешто што носите кога паѓа дожд или нешто од што може да се плашат“, советува Џејми Торез, учителка и блогерка. Се разбира, идејата е да донесат еден по еден предмет, а ако имате повеќе деца, на секое можете да му дадете различна задача. „Секогаш завршете ја играта со читање некоја убава приказна и прегрнете го детето“, вели Торез.

3. Сензорни игри

Кога ѝ се потребни неколку минути за себе, самохраната мајка Џеки Омоталаде на својата двегодишна ќерка ѝ понудува сензорни садови за игра. Во едниот сад има мраз во студена вода, во вториот мраз со топла вода, а во третиот само мраз. Сензорните садови можете да ги направите и со пченка, ориз или грав. Понудете им на децата и шолји за мерење, лажици и други слични предмети за да се забавуваат.

4. Кутија за досада

За да поттикнете самостојна игра, направете кутија која ќе ја наполните со предмети за кои вашето дете покажува интерес. „Тоа се предмети за кои не е потребен посебен надзор додека игра, на пример, друштвени игри, коцки, пластелин или боенки“, вели Линдзи Вандер, основач и директор на „WorldWise Tutoring“. Дозволете му на детето само да одбере со што ќе игра.

5. Игра со погодување

Блогерката Сара Кук вели дека ѝ било тешко додека работела полно работно време, се грижела за неподвижните родители и се справувала со многу активно дете. Затоа смислила игра „Што имам на задникот“. Едноставно легнала на стомак на троседот и погодувала која играчка и ја ставал нејзиниот син на задникот. „На тој начин успеав да добијам 20 до 30 минути одмор на троседот“, рекла таа.

6. Игра со ленти

За да се изостри фината моторика, мајката на две деца Џустин Грин сугерира на подот од домот со ленти да исцртате различни облици за создавање мал град за кукли и автомобили за вашите деца. „Или можете на подот да направите две црти околу кои децата може да скокаат имитирајќи движење на различни животни, додека вие погодувате за кое животно се работи. Покрај тоа, децата обожаваат да ги отстрануваат лентите од подот и да помагаат во чистењето“, вели таа.

7. Бањање

Кога на самохраната мајка Лиз Жено ѝ треба момент мир, на своето дете му ја подготвува кадата полна со играчки, пена за бањање и други забавни содржини. „Мојата ќерка обожава да седи во кадата и да црта или да изработува ликови од сапуницата. Покрај тоа ставам и светки, па вели дека се чувствува како вистинска принцеза“, советува Лиз. Се разбира, оваа активност подразбира активен надзор, па не напуштајте ја бањата и секогаш гледајте го детето додека е во кадата.

8. Миење на играчките

„Наполнете канта со вода и малку детергент, а во друга канта ставете чиста вода. Додајте неколку пешкири и потоа на децата овозможете им добро да ги измијат своите играчки“, вели Грин, чии деца на тој начин испрале сè – од автомобилчиња до диносауруси и лего-коцки. И повторно, штом во играта е вклучена вода, важно е да бидете присутни и да не ги оставате децата без надзор. Но, додека тие играат, вие можете да избришете прашина или едноставно да седнете и да ги гледате додека уживаат.

9. Игра со преправање

Поранешна учителка и основач на „Small World Spanish“ своите малечки синови ги забавува со уреди за игра. На пример, Алекса на звучниците „Амазон Ехо“ со кои се управува со гласот на децата може да им каже да се претвораат во одредено животно или предмет кој почнува на која било буква од азбуката. Алекса исто така пушта детска музика за танцување, а кога музиката ќе сопре, децата мора да застанат како статуи. Ако немате такви или слични уреди, самите можете да ја глумите Алекса барајќи од децата да глумат животни, или да станете диџеј, па да им пуштате музика од удобноста на вашиот кауч.

Заклучок

Клучно во окупирањето на малите деца е да имате подготвено активности. Експериментирајте со горенаведените опции за да видите во што уживаат вашите деца и побарајте и тие да споделуваат идеи. Најважно е да се потсетите дека и вие сте човек, уморни сте и на децата не им се потребни совршени активности за да се забавуваат. Едноставни, некогаш и будалести активности може со леснотија да ги забавуваат вашите деца и да бидат вклучени и зафатени.

Автор: Маргарита Тартаковски

Извор



912

X