Драга мајко,

Те гледам како шеташ во паркот со количката или како доиш во трговскиот центар и си мислам: види колку е среќна оваа мајка. Таа е преокупирана со нејзиното бебе, нежно го гледа како заспива, држејќи го цврсто во прегратка, чувствувајќи го тоа неописливо чувство што го предизвикуваат само новороденчињата.

А следниот момент, копнежот исчезнува со новата помисла: Фала му на Бога што тоа не сум јас.

Затоа што се сеќавам не само на сите неверојатни, прекрасни, преубави работи што доаѓаат со новороденчињата, туку и на тешките работи. И така, со мудроста што ја собрав низ многуте години (моите деца сега имаат седум и пет години), ти пишувам писмо, со сите работи што посакувам да си ги кажев себеси кога бев на твое место.

1. Ќе правиш грешки

Улогата на родител? Никогаш порано не сте го правеле тоа. Можеби сте имале помлади браќа и сестри, братучеди или сте биле кума или тетка, но никогаш не сте го правеле тоа 24/7.

Ќе правите грешки. Раѓањето бебе ослободува многу хормони, но не постои хормон за „инстинктивно доење“, хормон за „заспивање на бебето и спиење цела ноќ“.

Овие работи се учат, а учењето вклучува грешки. Станувањето родител е само уште еден чекор во животот што претходно не сте го направиле, а грешките се нормален дел од процесот.

2. Да се биде родител е напорна работа

Ако ги слушате разговорите од другите луѓе, немојте. Престанете. Поради некоја причина, овие разговори произлегуваат од постари луѓе кои заборавиле како е да се има новороденче. Да, луѓето го прават тоа илјадници години и тоа отсекогаш било тешко. Сите мајки се прашуваат како да се грижат за тоа мало човечко суштество што го сакаат безусловно, кое постојано се буди преку ноќ и има толку барања.

Игнорирајте ги сите оние луѓе што ви кажуваат да уживате во ова време бидејќи веднаш ќе ви помине. Во право се, но забораваат дека тоа се еднакви моменти на задоволство и болка. Тешко е и дозволено ви е да го признаете тоа.

3. Станува полесно

Но, важно е да знаете дека со текот на времето станува полесно. Имаше моменти кога лежев покрај креветчето на мојата ќерка, со раката пикната низ решетките, нишајќи ја по газето со часови. Мислев дека никогаш нема да заспие. Истовремено, мислев дека кариерата ми заврши, дека никогаш нема да имам слобода и желба да носам нешто друго освен тренирки.

Среќна сум што можам да кажам дека сето тоа помина. Постепено слободата се враќа во вашиот живот. Вашето дете расте и станува самостојно. И двајцата се развивате и растете заедно.

4. Тоа е твој живот, затоа живеј го онака како што сакаш

Родителството денес стана една од најанализираните и најкритикуваните работи. Но ова е ваш живот и ваше семејство, па изберете што ви одговара вам – дали доењето е за вас или не. Дали сакате да спиете со детето или не. Дали ви е потребно време да поминете сами или сакате постојано да бидете со вашето бебе.

Иако постојат валидни причини за упатства за безбедност што ја опфаќаат благосостојбата на децата, ако сте грижлив родител, полни со љубов, од вас зависи што ќе се случува зад вашите врати. Или во јавноста.

Секој има свое мислење за тоа како да биде родител, но само вие можете да одлучите што е правилно за вас.

5. Побарај помош

Ова е мојата последна и најважна точка. Сигурно ви кажале многу пати претходно, но потребно е навистина да размислите за тоа.

Барањето помош не е знак дека не можете да се справите, дека сте слаба личност или лоша мајка. Барањето помош значи дека знаете дека околу бебињата има напорна работа и никој не треба да го прави тоа сам.

Побарајте помош од пријателите, семејството или ако можете да си дозволите, платете за неа. Постојат многу луѓе што ќе ви помогнат и ќе ве поддржат, а вие ја заслужувате целата помош и поддршка што ќе ја добиете.

Кога ќе ме видиш како те набљудувам во паркот, те молам, не паничи. Јас само размислувам како ми беше кога бев на твое место. Те гледам и знам колку е тешко.

Само држи се цврсто и биди љубезна кон себе, одлично си ја извршуваш работата.

Автор: Шевон Хант



912

X