Кога по некој конфликт меѓу две лица што се во врска или брак, едното лице се повлекува и почнува да го игнорира другото, се појавува непријатна и напната ситуација што може да трае со денови и недели.

Вообичаено е оној што го игнорира другиот да биде етикетиран како пасивно-агресивна личност, односно како агресор. Бидејќи агресијата честопати по грешка се изедначува со насилството, тогаш лицето што игнорира се перципира како силеџија.

Игнорирањето на другата личност со која сте во врска, секако, не е убаво однесување и може да се означи како детско, но не заслужува да биде етикетирано како агресивно или насилно. Тоа е токму спротивното.

Агресивноста доаѓа од латинското ad gradior, што значи пристапува, напаѓа, додека лицето кое игнорира го прави спротивното. Терминот пасивно-агресивен бил измислен од американски полковник за да означува војници кои не одбиваат наредби, но затоа ги извршуваат бавно, неволно, со очигледен отпор. Не е насилна личноста која игнорира. Напротив, понекогаш луѓето се повлекуваат од расправија и ја прекинуваат комуникацијата со цел да се контролираат, за да не бидат насилни.

За подобро да разбереме зошто возрасните ги игнорираат другите луѓе со кои се во врска, треба да се вратиме во детството кога децата ќе започнат да го користат овој механизам, кој потоа се нарекува муртење. Децата се муртат кога оценуваат дека другите, родителите или друго дете, кое би требало да ги сака или кон нив да има пријателски однос, се однесува на начин што не е фер. Кога детето ќе процени дека другиот се однесува на начин спротивен на тоа како замислува дека другите треба да се однесуваат, тоа почнува да се мурти: избегнува да гледа, не сака да зборува, оди во собата да си игра и слично. Може да биде ситуација во која детето сака нешто, а другите одбиваат. Бидејќи малите деца не се разликуваат себеси од своите желби, тие го толкуваат отфрлањето на желбите како некој нив да ги отфрла, односно како да не ги сака.

Потоа заземаат позиција: Ако не ме сакаш ти мене, не те сакам ни јас тебе.

Детето што му се мурти на родителот зависи од тој родител и тоа не може да го напушти тој однос. Она што тоа сака е односот да продолжи, но родителот да го смени однесувањето откако ќе види дека детето е навредено.

Според теоријата на трансакциска анализа, секој човек, без оглед на неговата возраст, во себе го носи своето детско јас. Токму ова внатрешно дете на возрасната личност го прави како мало дете: тој се мурти и сака другите да го променат нивното однесување. Она што го разликува малото дете од возрасниот човек е тоа што детето е во позиција на зависност од родителот, додека возрасните се независни, па можат да излезат од лошата врска или бракот. Сепак, тоа не е нивната цел. Тие го сакаат истото што го сакаат малите деца: врската да продолжи, но на начинот на кој ним им одговара.

Игнорирањето на детето е злоупотреба

Кога родителот го игнорира детето, тоа е најстрогата казна за него. Родителот тогаш му кажува на детето дека тоа е толку лошо, што не ја заслужува родителската љубов и не заслужува да биде признаено дека постои. Затоа, игнорирањето на детето е една од потешките форми на злоупотреба.

Автор: Зоран Миливојевиќ
Извор



912

X