Влегувам во училница со насмевка, второ одделение.
-How are you?
Сите механички одговараат. И замолчуваат.
Но, јас чувствувам, знам. (Ајде биди нормална, прв обид)
Цртам семејство на таблата (според програма).
Да ги насмеам (а подобро и не знам да цртам).
Го чувствувам смеењето.
Се јавува едно момче: Знаете, teacher Танја, учителката ни е болна.
– Ќе биде добро. Ќе се врати брзо. Знам. (Ајде биди нормална, втор обид)
Цртаат. Одам од клупа до клупа, ги гледам цртежите. Можам врз основа на цртежот да видам какво е детето (во 90 отсто од случаите). Ма, од очите.
Едно момче црта куче.
– Имаш брат/сестра?
– Имам брат, но не го сакам.
– Го сакаш, знам. Каде се мама и тато?
– Работат.

Нема трет обид!
– Ајде оставете ги пенкалата, боиците… гледајте ме.
– Како се чувствувате? Што ве мачи? Дали некој ве прашува како се снаоѓате? Што ви недостига? Ова не е нормално околу нас, зарем не?
(На таа констатација ми помага звукот на итна помош што поминува. Сите гледаме во правец на прозорецот)

– Јас знам како се чувствувате. (Зборувам со мали, големи луѓе)
Молк. И потоа започнува приказната… секој со својата.
Едно девојче се расплака.
– Дали кажав нешто погрешно?
– Не. Ми се собра сè. Татко ми има Ковид-19.
– Плачи. Тоа плачење е добро. Плачењето за оценки не е добро.

фото извор: Facebook

Ѕвонче.

Седат. Не стануваат.
Јас морам да одам на вториот час.
– Бидете добри и здрави. Ќе помине и ова. И учителката ќе биде добра. Ќе се врати наскоро. Знам.
Ми приоѓа девојчето што плачеше. Ми го дава цртежот со нацртано срце.
– Дали може, наставничке, да ве прегрнам?
– Се разбира.
Ќе се расплачам, а не смеам.
(Кој обид беше по ред да бидам нормална?)

Ех, мои деца… (Се чувствувам, знам… а и самата се прашувам дали има крај на сето ова)

Разговарајте со децата. Не живееме во паралелна реалност. Сите чувствуваат сè. Збунети сме и ние, големите, а тие уште повеќе. Едни на други сме си потребни. Сега најмногу. А ќе научат и да цртаат семејство, сè ќе научат.

Автор: Татјана Тања

Извор



912

X