Пораснав во време додека пријателите беа деца од улица и училиште, а родителите беа… родители.

Со пријателите играв криенка, граница и фудбал.

Скокав на ластик.

Работевме на шатори од исечени гранки.

Правевме „пушки“, лак и стрели од парчиња дрво и старо јаже.

Понекогаш бевме каубојци, понекогаш Индијанци.

Растевме!

Одевме првпат сами на плажа, сладолед или на кино.

Се шминкавме криејќи се.

Учевме заедно.

Се смеевме.

Танцувавме.

Одевме на забави, концерти, гитаријади.

Се заљубувавме.

Некогаш среќно. Некогаш несреќно.

Плачевме едни за други и едни со други.

Си бевме поддршка.

Имав родители кои ми овозможија да играм безгрижно.

Да се школувам.

Ме учеа да возам велосипед.

Ми читаа пред спиење.

Ме носеа во кино.

Ме учеа на вредности.

Ме учеа да ги почитувам постарите.

Да разликувам добро од лошо.

Дека бидат заслужна за своите успеси, но и виновна за неуспесите.

Дека без труд нема резултати.

Ме охрабруваа да станам кога ќе паднев.

Ме предупредуваа кога ќе згрешев.

Се гордееја со моите успеси.

Ме упатуваа и советуваа.

Ме научија дека секогаш можам да сметам на нив.

И можеби напредувавме во тоа време, но некаде по пат лошо ги измешавме лончињата.

Некаде по тој пат, од времето кога бевме деца, до времето кога добивме деца, зборот родител доби негативен предзнак. Сега, ако си „кул“, на децата им си пријател. Нема да им „наметнуваш“ правила, ниту ќе ги коригираш кога ќе погрешат. Пријателите не го прават тоа. Со пријателите се шегуваш и ги оставаш да го прават она што ги прави среќни. Не размислуваш за последиците. Само за сегашноста.

А ако работите излезат од контрола, ако стане себичен егоманијак, без трошка емпатија, совест и одговорност, ќе ги обвиниме професорите, општеството или некој трет. Никако нема да биде виновен „пријателот без авторитет“.

На децата им требаат врсници за да им бидат пријатели. Да играат некои свои „модерни“ игри. Да се забавуваат. Гушкаат. Сакаат. Лутат. Караат. Да се смират. Да откриваат нови работи. Да излегуваат. Да грешат. Да ги поправаат грешките. Да учат од нив. Да создаваат спомени со „рамни на себеси“.

Родителите треба да им бидат РОДИТЕЛИ. Да поминуваат квалитетно време со нив. Да се дружат. Да одат на излети. Да ги носат во кино. Заедно да играат друштвени игри или фудбал. Да ги лулаат на лулашките, уште повеќе и повеќе. Да ги одгледуваат тие, а не бабите, тетките или улицата. Да разговараат со нив и да ги научат да разговараат. Да ги сакаат и да ги научат да сакаат. Да покажат емпатија и да ги научат на емпатија. Да ги научат што е совест и дека секое дело има последици. Да ги научат на одговорност. Да ги охрабрат. Но, и да викаат кога ќе треба. Да им кажат кога ќе згрешат. Да ги коригираат. Да ги насочат. Да им бидат авторитет, потпора кога ќе се сопнат. Да ги прегрнат, сакаат и да им кажат дека можат да сметаат на нив.

Но, ако ние одлучиме да им бидеме „пријатели“, кој ќе ги научи на сето ова? Кој ќе им биде родител?

Автор: Марина Видаковиќ



912

X