Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 6 години и едно време кажуваше за одење во тоалет, но сега прекина и повторно користи пелени за спиење. Така прави и со други работи, се враќа назад и повторно ги прави работите што ги прекинала. Како да ѝ помогнеме?

ОДГОВОР: Како што растат децата, вообичаено е да се сретнеме со однесувања кои изгледаат како чекор наназад, таканаречена регресија. Овие регресии можат да се манифестираат во различни форми и во различни периоди, на пример, кога се раѓа брат или сестра, промена на местото на живеење, разделба на родителите, смрт во семејството, стрес или траума итн. Разбирливо е како родители да се чувствувате збунети, фрустрирани и дезориентирани кога се соочувате со овие неочекувани, а понекогаш и доброволни однесувања. Ова е начин на кој детето сигнализира дека се чувствува преоптоварено, под стрес или има потреба од утеха.

На оваа возраст, децата сѐ уште учат како да се соочуваат со развојните промени, со новите одговорности, со емоциите. Тие често носат порака која детето ја праќа, а тоа е: „Ми треба помош повторно да се чувствувам сигурно“.

Доколку вашето дете имало вакви искуства кои го вознемириле, ги поместиле неговите навики и чувството на сигурност, тогаш ова е само одговор на ваквите искуства.

Најважно е да не го карате детето, туку да се обидете да разберете што се крие зад овие однесувања, обидувајќи се да му дадете простор за она што го чувствува, но насочувајќи го кон однесување соодветно на неговата возраст.

Најдоброто нешто е да се најдат компромиси како: „Во ред е што се измочка сега, ајде следен пат да пробаме заедно во тоалет.“ Без оглед на причината за неговата регресија, детето треба да разбере што го плаши и што се обидува да комуницира со своето однесување.

Неопходно е да останете смирени, да не се вознемирувате бидејќи тоа би ја зголемило нејзината несигурност. Бидете јасни и со едноставен јазик објаснете, повеќе гушкајте се и поминувајте време заедно.

Понатаму, читањето или раскажувањето бајки и приказни со настани слични на она што го доживува ќе овозможи да ги исфрли неискажаните тензии и стравови кои истовремено ќе имаат смирувачки ефект. Бидете полни со љубов и поддршка, покажете интерес за нејзините емоции и грижи, нудејќи ѝ безбедна средина во која може да ги изрази.

Ако регресијата трае повеќе од неколку недели, би било добро да побарате стручен совет од вашиот педијатар и психолог.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X